Добре дојдовте на страницата на Училишниот младински клуб ДРАГАНА МИНОВА при ООУ „Раде Кратовче“ Кочани. Преку учење, креативност, волонтерство и тимска работа создаваме можности младите да се развиваат, да ги споделуваат своите идеи и да придонесуваат за позитивни промени во заедницата.
За нас
Мисија
Да создадеме простор во кој младите учат, создаваат, соработуваат и го развиваат својот потенцијал.
Визија
Да изградиме активна, креативна и одговорна младинска заедница која придонесува за подобро училиште и општество.
Цели на клубот
- Поттикнување младинско учество и волонтерство.
- Развивање креативност, знаење и тимски дух.
- Организирање работилници, проекти и хуманитарни активности.
- Поддршка на идеи и иницијативи предложени од младите.
- Негување солидарност, одговорност и грижа за заедницата.
- Поттикнување на меѓусебната почит, инклузивноста и еднаквите можности за сите млади.
За нашата Драгана Минова
Драгана Минова е родена на 16.04.2008 година, млада девојка која израсна во Кочани и беше ученичка во Средното општинско училиште „Јане Сандански“ – Штип. Таа беше дел од медицинската струка и својата иднина ја гледаше во професијата која значи грижа, помош и посветеност кон другите.Драгана беше и млада волонтерка во Црвениот крст – Кочани. Од таму ја опишуваат нејзината хуманост, пожртвуваност и желбата да им помага на другите како траен пример на солидарност и човечност.За Драгана, помагањето не беше само збор. Таа беше млада личност која својата енергија и време ги насочуваше кон другите и кон својата заедница. Како ученичка во медицинското училиште, таа се подготвуваше за професија во која човечноста, грижата и одговорноста имаат посебно значење.
На 16 март 2025 година, Драгана трагично го загуби својот живот во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, заедно со други млади луѓе.
Нејзиното име остана запишано во сеќавањето на семејството, пријателите, соучениците и целата заедница.
Драгана треба реба да ја паметиме по нејзината младост, добрина, хуманост и желба да помага.
Нејзината мисија продолжува
Името Драгана Минова денес носи порака која продолжува да живее преку младите.Училишниот младински клуб „Драгана Минова“ ја продолжува токму таа вредност – да ги поттикнува младите да бидат активни, хумани, солидарни и одговорни кон својата заедница.Преку волонтерски, хуманитарни, едукативни, еколошки и креативни активности, младите имаат можност да покажат дека секој добар гест може да направи разлика.
Нашата цел е името Драгана да не биде само име на клубот.
Да биде вредност, порака и инспирација.
Да продолжиме да помагаме.
Да продолжиме да бидеме хумани.
Да продолжиме да се грижиме едни за други.
Затоа што добрината што ја даваме продолжува да живее.
Во спомен на Драгана Минова.
За младите. За заедницата. За подобар свет.
